Египетската мумија, нејзиното срце и патот кон вечноста – видео презентација

83 views
0

Покрај пирамидите, хиероглифите и Сфингата, веројатно првото нешто на што ќе се сетите кога ќе се спомне древен Египет се мумиите, особено мумиите на фараоните Тутанкамон, Рамзес II или принцезата Ахмос. Илјадници години подоцна, овие мумии се од непроценлива важност за нас, бидејќи благодарение на нив, можеме да дознаеме како изгледале тие личности, како се облекувале, но и кои предмети ги употребувале во секојдневието. Дури и остатоци, како што се двете нозе од мумијата на некогаш прекрасната стројна и висока кралица Нефертари, омилената сопруга на моќниот фараон Рамзес II, можат да откријат каква била здравствената состојба на таа личност во миговите пред да почине.

Мумијата на фараонот Рамзес II Реконструкција на лицето на Рамзес II врз основа на контурите на лицето на неговата мумија

Самиот порив да се мумифицираат телата на покојниците доаѓа од верувањето дека постои задгробен живот, односно дека смртта е само премин од еден живот во друг. Согласно тоа верување, древните Египќани сметале дека за да можат да живеат во тој нов живот после смртта, неопходно е да биде зачувано телото од животот на овој свет. Покрај тоа, со цел поуспешно да стигнат во тој друг живот, крај нив ги оставале и предметите кои секојдневно ги употребувале, како сандали, садови, скапоцености и неизоставен примерок од „Книгата на мртвите“-збирка текстови со магиска содржина кои треба да му помогнат на покојникот да ги мине сите искушенија во подземниот свет и да стигне до вечниот живот.

Божицата Хатор на Нефертари ѝ врачува анк – симбол на вечниот живот

Процесот на мумификација бил долготраен процес. Биле потребни седумдесет дни за да се балсамира телото, а тоа започнувало со отстранување на внатрешните органи со цел да се спречи распаѓањето. Најпрвин со метален инструмент со кука на врвот го разбивале и извлекувале мозокот на покојникот низ неговиот нос. Потоа ги отстранувале сите органи, освен срцето. Срцето било од особено значење во египетските религиски верувања. Аб, како што го нарекувале срцето, било извор на сѐ што е добро и сѐ што е зло и е еден од деветте дела на бесмртната душа. По долгите патешествија и искушенија во Дуат – староегипетскиот задгробен свет – Анубис, богот на задгробниот живот и мумифицирањето им го вагал срцето на покојниците наспроти пердувот на Маат, египетската богинка на вистината, редот и моралниот закон. Ако срцето било полесно или со иста тежина како пердувот на Маат, покојникот потоа продолжувал кон Аару, рајските полиња со трски каде што царувал богот Озирис. Ако пак срцето било потешко, што би значело дека за време на овоземниот живот покојникот не бил вистинољубив и праведен човек, неговото срце било проголтувано од ужасното чудовиште Амит, кое имало глава на крокодил, едната половина на телото од нилски коњ, а другата половина од лав. По ова, душата на неправедниот била осудена вечно да скита по Дуат.

Анубис го мери срцето на писарот Ани, детал од неговата „Книга на мртвите“

По освојувањето на Египет од страна на Александар III Македонски, Александрија, новата престолнина на Птоломеидите, станала нов културен центар на Медитеранот, место каде што се случила културна фузија на египетските и класичните хеленски традиции. Во тој нов Египет се раѓа и новото елино-египетско божество Серапис, бог на подземниот свет, но и плодородноста. Во 30 г.пр.н.е. Клеопатра и Марко Антониј се поразени од страна на Октавијан, со што Египет се претвора во уште една римска провинција и извор на ресурси за римската империја во подем. Но, ова дало услови за дополнително испреплетување на културните обрасци. Буквална илустрација за тоа се Фајумските портрети – погребни портрети на луѓе кои биле ставани врз лицето на мумиите, за разлика од маските кои биле ставани при изворниот египетски процес на мумификација. Ова е директно влијание на елинистичкото сликарство од времето на Птоломеите и реалистичниот римски портрет. Најголем дел од овие портрети биле најдени во оазата Фајум, од каде што го добиваат и името. Портретите биле сликани врз дрвена плоча, главно во два вида техника – енкаустика, т.е. растворање на пигменти во восок, и темпера. Карактеристично е тоа што новата погребна варијанта била применувана врз покојници од целиот спектар на раси и етноси кои го населувале тогашен Египет – Римјани, Грци, Египќани, Евреи, Црнци. Сепак, судејќи според погребните прилози може да се заклучи дека патот кон вечноста бил резервиран само за оние кои можеле да си го дозволат тоа, богатите чиновници, трговци и воените лица.

Фајумска мумија со портрет: Експонат во музејот „Метрополитен“

Во музејот Гети се чува уште еден интересен куриозитет од римскиот период на Египет. Станува збор за мумија на млад маж од I в.н.е. Според карактеристичните обележја на ленените ткаенини, но и мумифицираната птица ибис која била ставена врз стомакот на покојникот, се претпоставува дека станува збор за млад писар или свештеник и поклоник на Тот, египетскиот бог на разумот, јазикот, знаењето и мудроста. Тот, писарот на боговите, во египетската уметност често е прикажан како човек со глава на ибис. Мумијата е завиткана во црвена ткаенина, што исто така претставува реткост, а врз нозете на грчки јазик е испишано името Хераклид (Ἡρακλείδης). Необично е тоа што портретот на Хераклид го прикажува како да е гол, за разлика од другите фајумски портрети. Се шпекулира дека ова исто така има некакво религиско или социјално значење. Сепак, најневообичаениот детал кај мумијата на Хераклид е тоа што во неговиот случајот било извадено срцето, а оставени белите дробови. На што се должи ова? Дали срцето на Хераклид било оштетено на некој начин, од некаква надворешна траума, дали се случила несакана грешка при процесот на мумификација, па белите дробови биле оставени во замена, или можеби некаква друга симболика стои зад ова – науката допрва треба да утврди.

Мумијата на Хераклид

Во прилог е видео презентацијата на музејот Гети за мумијата на Хераклид и процесот на мумификација на кој биле подложени неговите останки.

Автор на текстот и превод
Александар маџовски