Home Едукација Авантуристичка мистерија – Потрага по средновековното богатство

Авантуристичка мистерија – Потрага по средновековното богатство

182 views
0

Едукативна тура за Скопското кале со професионален археолог по која следи авантуристичката мистерија „Потрага по средновековното богатство“, интерактивно доживување преку игра и истражување.

Секој учесник на подарок ja добива „Археолошката тетратка“ за млади истражувачи во издание на ХАЕМУС, а добива и дополнителен подарок.

● Датум: 25.09.2022 (недела)

ОПИС
Ова адреналинско доживување кое во себе ги обединува авантуристичките игри, ловот на богатство и решавањето мистерии е препорачана за деца и млади помеѓу 8-14 години.

Учесниците имаат задача како млади детективи истражувачи да бидат дел од приказната која започнала да се случува на Скопското Кале уште во средниот век. Се раскажува дека чукун-чукун дедото на мајсторот Крон, ковач од Старата скопска чаршија кого уште го нарекуваат „царскиот ковач“, бил примен на служба на царскиот двор во времето кога таму пристигнала дванаесетгодишната Марија – идната кралица. При еден напад од непријателот, тогашниот крал му наредил на царскиот ковач да го собере сето богатство во едно ковчеже, да го скрие и тајната за неговата локација да ја каже на само еден член од семејството кој пред крајот на својот живот ќе го стори истото. Оттогаш поминале стотици години и никој до сега не успеал да го пронајде ова ковчеже. За него со генерации знаеле само избраните членови на семејството на царскиот ковач, сѐ додека еден од потомците не заминал на печалба и оттогаш тајната за тоа каде се наоѓало скриеното богатство била заборавена. Останал само дневникот на стариот ковач Крон, некои легенди тука и таму, стари мапи. Задачата на младиот археолог-истражувач е да ги поврзе сите овие детали како сложувалка, онака како што легендарниот детектив Шерлок Холмс ги решавал мистериозните криминалистички случаи – така што ги забележувал и најситните детали, потпирајќи се единствено на својата лупа и на својата способност да ги поврзе навидум неповрзаните нишки во една логичка целина. Можете ли и вие да да бидете Шерлок Холмс во македонската археологија?

Археолошка тетратка и инвентарна книга на наоди Повеќе инфо на линкот

Активностите започнуваат со кратка едукативна тура низ Скопското кале, за да можат учесниците да ги препознаат објектите на старите мапи и приказните поврзани со нив. Потоа групата го добива царскиот дневник на мајстор Крон придружен со сет за истражување. Без дополнителна помош од страна, учесниците почнуваат самите да ја водат истрагата преку тимска игра, логичко размислување и по пат на расчитување стари мапи, решавање мистерии, загатки, кодови и тајни шифрарници. Оваа невообичаена авантура завршува во моментот кога ќе биде откриена големата мистерија – локацијата на средновековното богатство.

На крајот на оваа авантура, секој учесник на подарок ја добива „Археолошката тетратка“ за млади истражувачи во издание на ХАЕМУС, а добива и дополнителен подарок како награда.

Авантуристичката мистерија „Потрага по средновековното богаство“ преку интерактивно доживување низ игра и истражување е создадена со цел промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на Република Македонија од средновековниот период коешто несомнено оставило трага во колективната меморија на главниот град. Настанот е дел од „Млад истражувач“, образовна програма со педагошки карактер создадена од ХАЕМУС. Овој настан се организира под мотото на УНЕСКО за Отворени Едукативни Ресурси (ОЕР) и логистички е поддржан од манифестацијата „Европски денови на културното наследство“. Дознајте за импресивниот среден век во Скопје преку забавна гамифицирана активност подготвена од ХАЕМУС како ваш домаќин.