Нема секој град во светот привилегија како Скопје, на својата територија да има скоро дваесеттина населби од каменото доба. Вратете се назад во неолитскиот период и преку игра и забава дознајте како живееле луѓето од каменото време, кои биле нивните стравови, желби и од каде ја црпеле инспирацијата за неверојатната уметност со која ги украсувале своите садови. Дознајте и зошто нивните верувања биле толку многу поврзани со уникатните фигури кои во долниот дел имаат претстава на куќа, а во горниот дел претстава на жена и се познати како Мајки богинки, специфични исклучиво за неолитскиот период во Македонија.
Оваа прошетка низ неолитското село „Тумба Маџари“, кое е воедно и музеј под отворено небо, вклучува повеќе активности. Преку интерпретација и гамификација (игри, загатки и мапи) сите посетители на оваа невообичаена едукативна тура имаат прилика да се стекнат со искуство од прва рака, додека во живо ги посетуваат реконструираните домови од периодот на камено доба кои се опремени со покуќнина. Истовремено ќе можат да ги истражуват одблиску и предметите кои се реплики пронајдени токму на археолошкиот локалитет „Тумба Маџари“. На крајот на оваа прошетка, со однапред најавено барање, најмладите имаат можност да се забавуваат, изработувајќи по желба некој предмет од глина кој ќе можат да го понесат дома за спомен.
Дознајте за импресивното камено доба во Скопје преку забавна гамифицирана активност. Целта на оваа тура е промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на Македонија од праисторискиот период коешто несомнено оставило трага во колективната меморија на главниот град. Оваа едукативна тура се организира под мотото на УНЕСКО за Отворени Едукативни Ресурси (ОЕР).
Што е интерпретациска тура?
Интерпретациска тура е тип на интерактивен настан каде лиценциран водич за толкување на наследството ја води турата по пат на игра, забава, мапи и загатки. Сите учесници имаат предизвик да земат активно учество во обликување на приказната, со цел помнење на наследството преку сетилата.
Еве како изгледа една едукативна интерпретациска тура за млади истражувачи во Тумба Маџари.